Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со амбасадорот на Австрија, Георг Вуцас, и претставници на текстилната компанија „Текспорт“, на која разговараа за предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија во исполнување на предвидениот план за работа, потребата од прекувремена работа поради недостиг од работници кои се квалификувани и заинтересирани да се вклучат во производствената дејност.
Како што соопшти МТСП, сопственичката на „Текспорт“ ја истакна потребата од нови вработувања во нејзината компанија со цел постигнување на побарувачката на готови производи во компанијата.
Амбасадорот Вуцас се осврна на квалитетот и добрите услови, почитување на правата на работниците, како и соодветната плата кои се предности на оваа компанија и со таа цел треба работниците да бидат насочени кон квалитетот што „Текспорт“ како фабрика може да го понуди.
Барањата од присутните, како што наведува МТСП во соопштението, беа во насока на изнаоѓање флексибилно решение кое го вклучува прашањето на прекувремена работа коешто може да се достигне само со дијалог и консензус од страна на сите засегнати страни.
Законот за работни односи не е направен за еден туку за заштита на сите вработени. Само заедно можеме преку отворена дискусија да изнајдеме решение на предизвиците со кои се соочува компанијата, но во рамките на законот. На ваков начин ќе ја превенираме злоупотребата на истиот и ќе го задржиме почитувањето на правата на работниците, рече Тренчевска.
Таа истакна дека соработката со австриските компании, но и со сите странски инвеститори, е од особена важност, особено во овие мигови кога, како што рече, јасно ја детектираме потребата од работна сила и од вклучување на пазарот на труд на сите, посебно на лицата кои се активни приматели на Гарантирана минимална помош.
Процесот на креирање нов Закон за работни односи, отворените консултации, но и ваквиот тип на средби и примање на сугестиите на реалниот сектор, се показатели за отвореноста на Министерството за труд и социјлна политика во процес на отворен дијалог да ги решава актуелните проблеми, наведува МТСП во соопштението.