Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека употреба на нуклеарно оружје со мала моќност во Украина би имало сериозни последици по Русија.
Тој додаде дека НАТО е дефанзивен сојуз чија цел е да спречи конфликт или војна.
Затоа, ја зајакнавме нашата моќ на одвраќање за да испратиме многу јасна порака до Русија дека сме тука да ги заштитиме и браниме сите членки на Алијансата. Видовме шпекулации за употреба на нуклеарно оружје со краток дострел во Украина и јасно и ставивме до знаење на Москва дека тоа ќе има сериозни последици за Русија, истакна Столтенберг на прес-конференција пред почетокот на дводневниот состанок на НАТО со министрите за одбрана.
Тој потсети дека Русија „знае дека нуклеарна војна не може да се добие, ниту пак некогаш треба да дојде до тоа“.
Исто така, внимателно ја следиме нуклеарната позиција на Русија. Не видовме промени во нуклеарната позиција на Русија, но ќе останеме будни, внимателно ќе следиме се поради нуклеарните закани, нуклеарната реторика. Скриените закани на Русија се опасни и непромислени, истакна Столтенберг.
НАТО ги разгледува можностите за обезбедување противвоздушна опрема за Украина
Mинистрите за одбрана на земјите од НАТО денеска и утре на состанокот во Брисел ќе разговараат за можностите за брзо обезбедување на Украина со опрема за противвоздушна одбрана. Тоа го соопшти генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг пред почетокот на состанокот.
Столтенберг прецизираше дека на Украина и се потребни различни противвоздушни системи, вклучително оние со голем дострел како и средства за уништување беспилотни летала.
„Нашата порака до Украина е дека сме подготвени да пружиме долгорочна помош се додека е потребна“, рече тој.
Според него, сојузниците ќе разговараат за прашањето за надополнување на залихите на оружје на земјите од Алијансата поради зголемените потреби. Министрите ќе разговараат и за прашањето за заштита на критичната инфраструктура по саботажата на гасоводот „Северен поток“ во Балтичкото Море.
Столтенберг повторно истакна дека и покрај заканите на Русија за употреба на нуклеарно оружје, НАТО врши мониторинг и досега не се забележани никакви промени во распоредот на руските нуклеарни сили.
Генералниот секретар го повтори повикот до Белорусија да не соработува со Русија во воените дејствија против Украина.







