РИБАРО
За да се донесе конечна одлука за тоа дали ќе остане летното сметање на времето, како што велат од Владата, се чекаат анализите на МАНУ и Бирото за метрологија.
МАНУ, се чини, по којзнае кој пат, имаат проблем со заглавување во времето.
Претседателот на МАНУ, Коцарев, изготвувајќи ја анализата за можноста да остане летното сметање на времето, дошол до заклучок – ниту летно, ниту зимско сметање, туку дека треба да се премини кон античко сметање на времето.
Не може таму некој да ни кажува само две алтернативи за тоа како ние ќе си го сметаме времето?! Ние не сме ни зимски ни летни, ние сме си со корен, антички, безвремени, па мислам дека најсоодветно за нас би било да си го сметаме времето по тој концепт, вели Коцарев за АХА
На прашањето – кој е тој концепт што досега не е познат во науката, Коцарев вели:
Па ова е тој концепт! Имате можност за првпат да бидете сведоци на ново научно откритие, мое и на МАНУ. Ќе го вратиме времето онаму каде што му е местото – во лулката на прапочетокот. Од тука почнало сè, тука и ќе се заврши. Така треба да се смета времето, вели Коцарев
Од Владата, министерот Бектеши и Бирото за метрологија останаа неми на ваквата анализа на Коцарев.
Одлуката дали ќе остане летното сметање на времето, ќе се премине кон зимско сметање, или ќе започне нова ера на античко сметање на времето, треба да биде донесена до крајот на овој месец.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври, кога стрелките на часовникот се поместуваат за еден час наназад.
Ако треба да се премине на античко сметање, според предлогот на Коцарев, тогаш стрелките ќе треба да се поместат неколку илјади години наназад.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK