Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, денеска беше во посета на основното училиште „Лирија“ во Тетово, каде присуствуваше на одржувањето на еден од експерименталните часови по наука.
На часот беа изведени три научни експерименти за различни еколошки и климатски феномени, а гостите имаа можност со наставниците и учениците да разговараат за нивното искуство со експерименталната програма за животна средина и климатските промени во ова училиште.
-Новиот начин на научни предавања подразбира активно вклучување на учениците во изведување на експериментите, при што тие на инклузивен, најнепосреден и директен начин стекнуваат искуства, што во голема мерка помага во проширување на нивниот светоглед и искуства, и зголемување на нивото на нивното знаење и развивањето на вештини од областа, изјави заменик министерката Христина Оџаклиеска.
Настанот го организираше Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, а покрај претставници од оваа меѓународна организација гостуваа и од Амбасадата на Кралството Шведска во Република Северна Македонија.







































































































