Девет општини од Северна Македонија: Аеродром, Берово, Битола, Виница, Куманово, Неготино, Новаци, Радовиш и Штип денеска ќе добијат Европска ознака за извонредност на управувањето.
Европската ознака за извонредност на управувањето е воспоставена од Советот на Европа, а доделувањето го организира Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА) која од минатата година е акредитирана да го спроведува проектот во Северна Македонија, Хрватска и Косово.
Како што информира АЛДА, општините Аеродром, Берово, Битола, Виница, Куманово, Неготино, Новаци, Радовиш и Штип учествуваа во проектот и успешно го спроведоа процесот на самооценување на нивната работа. Воедно покажаа високо ниво на усогласеност со 12 начела за добро демократско управување на Советот на Европа, заедно со три општини од Хрватска и шест од Косово.
Според најавата, настанот ќе го отворат министерот за локална самоуправа на Македонија, Ристо Пенов, министерот за администрација на локалната самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, претседателот на АЛДА, Ориано Оточан и генералниот секретар на АЛДА, Антонела Валморбида.