Германските фудбалски репрезентативци со рацете ги покрија своите усти за време на групното фотографирање пред денешниот натпревар на Светското првенство во Катар против Јапонија, одговарајќи на тој начин на заканите од ФИФА за санкции поради капитенските ленти со натписот „Една љубов“ (One love).
Сите германски играчи се приклучија кон гестот пред десетици фоторепортери пред воведниот натпревар во групата Е во Доха, откако ФИФА им се закани со санкции на седум европски репрезентации доколку нивните капитени ја стават на рацете лентата која симболизира различност и толеранција.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, која беше во свечената ложа на стадионот покрај претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, носеше таква лента додека разговараше со фудбалските моќници.
Претходно таа изнесе критики на адреса на ФИФА, истакнувајќи оти заканите со санкции е погрешно и неприфатливо однесување.
-Ова не е во ред. Во денешно време е несфатливо ФИФА да не сака луѓето отворено да се залагаат за толеранција и против дискриминација, рече Фезер.