Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека главна цел на неговата земја е да ја има најмоќната нуклеарна сила во светот, објавија државните медиуми.
Ким го изјави ова на церемонијата на која промовираше неколку десетици офицери вклучени во неодамнешното лансирање на најголемата севернокорејска балистичка ракета, Хвасонг-17. Надгледувајќи го нејзиното лансирање на 18 ноември, Ким истакна дека на американската нуклеарна закана ќе одговори со нуклеарно оружје.
Изградбата на нуклеарна сила служи за заштита на достоинството и суверенитетот на државата и народот, а „главна цел е да се има најмоќната стратешка нуклеарна сила, апсолутна сила без преседан во овој век“, рече Ким.
Тој ја нарече ракетата Хвасонг-17 „најмоќното стратешко оружје во светот“, додавајќи дека таа ја покажува одлучноста на Северна Кореја и нејзината способност да ја изгради најмоќната војска во светот.
Севернокорејските научници постигнаа „значителен напредок во развојот на технологијата за изградба на нуклеарни боеви глави на балистички ракети“, истакна Ким, без да соопшти детали.
На церемонијата заедно со севернокорејскиот лидер присуствуваше и неговата ќерка, со која вторпат се појавува во јавност. Двајцата позираа со војници, научници и други кои учествуваа во овомесечното лансирање на ракетата Хвасонг-17. Ким изјави дека очекува тие да продолжат со неверојатна брзина да шират нуклеарно оружје за одвраќање.