Опозицијата нема конзистентен став, вели премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање околу најновото барање на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори напролет.
„Опозицијата имаше избори во август оваа година, тоа беа предвремени локални избори во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа и во општина Тетово. И таму се потврди дека единствено што тие прават е само за себе и за своето членство дека водат на анкетите, а се потврди дека доживеаја најголем пораз којшто успеале да го доживеат во општината Маврово – Ростуше откако таму се одржуваат локални избори. Во Центар Жупа и покрај тоа што сакаа да направат бојкот уште еднаш, во тоа не успеаја, а граѓаните решија да изберат кандидат од нашата коалиција. И во општина Тетово каде што велеа дека ќе победат со 6-0 имаа послаб резултат од тоа што го имаа на последните локални избори“, рече Ковачевски.
Тој повтори дека парламентарните избори ќе се одржат во 2024-тата година.
„Помина времето кога во државата се правеа избори секоја година само затоа што некој сака да се води од своја лична политичка агенда. И сакам да им порачам нешто друго на опозицијата. Јас вчера ги гледав нивните изјави дека некој се плашел од избори, никој не се плаши од избори затоа што бевме на избори во август и нив ги немаше. Пет дена се криеја затоа што не знаеја што да кажат за резултатите“, изјави Ковачевски.