Новото ограничување на цената на руската нафта, договорено вчера од членките на ЕУ, а денеска потврдено од членките на Г7 и Австралија, „веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин“, велат од САД. Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека ограничувањето, кое беше официјално одобрено од западните сојузници вчера, дојде по повеќе месеци напорна работа.
Ограничувањето ги спречува земјите да плаќаат повеќе од 60 долари за барел за прекуморски извоз на руска сурова нафта. Тоа треба да стапи во сила на 5 декември или веднаш по тој датум. „Земјите со низок и среден приход кои беа силно погодени од високите цени на енергијата и храната особено ќе имаат корист од ова ограничување“, истакна Јелен.
Таа, исто така, додаде дека тоа дополнително ќе ги ограничи финансиите на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги ограничи приходите што тој ги користи за финансирање на неговата брутална инвазија, истовремено избегнувајќи прекини во глобалното снабдување, што може да доведе до скок на цените на горивото ширум светот.
Со оглед на тоа што руската економија веќе се намалува и буџетот се повеќе расте, ограничувањето на цената веднаш ќе го прекине најважниот извор на приход на Путин, рече американската министерка.
Рускиот одговор на ваквата одлука пристигна утрово. Од Кремљ порачуваат дека ќе продолжат да ја продаваат својата нафта и дека се убедени оти секогаш ќе има купувачи за руската нафта.
Таквите чекори неизбежно ќе резултираат со зголемена неизвесност и наметнување повисоки трошоци за потрошувачите на суровини. Без оглед на сегашното флертување со опасен и нелегитимен инструмент, ние сме уверени дека руската нафта ќе продолжи да биде барана, соопшти руската амбасада во САД.
Не се соопштени детали за тоа кои би можеле да бидат натамошни следни чекори. Официјален документ се очекува денеска.
Целта на ценовното ограничување, што е идеја на групата Г7, е да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта, а истовремено да се спречи растот на глобалните цени по стапувањето во сила на ембаргото на Европската унија за увоз на руска нафта на 5 декември.
Варшава се спротивстави на предложената цена и размислуваше да ја задржи цената под нејзиното пазарно ниво. Во преговорите со ЕУ, Полска лобираше цената да биде што е можно пониска со цел да се намали приходот на Русија и да се ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина.
Амбасадорот на Полска во ЕУ, Анджеј Садош вчера изјави за новинарите дека Полска ја дала својата поддршка за договорот, кој вклучува механизам за задржување на ценовното ограничување на најмалку пет отсто под пазарното ниво. Американските власти рекоа дека тоа е договор без преседан, што ја покажува решеноста на коалицијата да се спротивстави на руската војна.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека ограничувањето на цената значително ќе ги намали руските приходи.
The EU agreement on an oil price cap, coordinated with G7 and others, will reduce Russia’s revenues significantly.
It will help us stabilise global energy prices, benefitting emerging economies around the world. pic.twitter.com/3WmIalIe5y
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) December 2, 2022
Тоа ќе ни помогне да ги стабилизираме цените на енергијата ширум светот, во корист на економиите во развој низ целиот свет, напиша Фон дер Лајен на Твитер, додавајќи дека ограничувањето ќе биде „прилагодливо со тек на време“ за да одговара на развојот на пазарот.
Ограничувањето ќе им овозможи на земјите надвор од ЕУ да продолжат со прекуморски увез на руска нафта, но ќе им забрани на превозниците и осигурителните компании да работат со руска нафта ширум светот, освен ако не се продава по цена под ограничувањето.