Поранешниот американски претседател Доналд Трамп повика на укинување на Уставот на САД со цел да се сменат резултатите од претседателските избори во 2020 година, односно тој да се врати во Белата куќа како претседател. Станува збор за ново продолжение на политиката на Трамп за негирање на изборните резултати и туркање нејасни теории на заговор, објави Си Ен Ен.
Дали треба да ги отфрлиме резултатите од претседателските избори во 2020 година и да го прогласиме ВИСТИНСКИОТ победник или да одржиме НОВИ ИЗБОРИ? Голема измама од ваков тип овозможува укинување на сите правила и прописи, дури и оние што се наоѓаат во Уставот, објави Трамп на социјалната мрежа Truth Social и ги обвини големите технолошки компании за соработка со Демократската партија. „Основачите на Америка не сакаа и немаше да одобрат лажни и фалсификувани избори“, додаде тој.
Најавата на Трамп доаѓа по објавувањето на интерните мејлови на Твитер кои покажуваат дека во компанијата се разговарало дали Твитер треба или не да дозволи објавување на приказната на Њујорк пост за материјалите пронајдени на лаптопот на Хантер Бајден, синот на актуелниот американски претседател Џо Бајден.
Портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс, вчера изјави дека објавата на Трамп „оди против душата на нашата нација и треба да биде осудена од сите“. „Не можете да ја сакате Америка само кога ќе победите. Уставот на САД е нашиот најважен документ, кој гарантира слобода и владеење на правото во нашата земја повеќе од 200 години“, истакна Бејтс.
Уставот го зближува американскиот народ, без разлика на партијата, а избраните лидери се колнат во Уставот. Тој е врвен споменик на сите Американци кои ги дадоа своите животи за да ги победат деспотите кои ја злоупотребија својата моќ и ги погазија основните човекови права, изјави портпаролот.
Си Ен Ен наведува дека интерните мејлови на Твитер покажуваат дека вработените во правните и комуникациските тимови на социјалната мрежа разговарале дали треба да се ограничи пристапот до написот на Њујорк пост за лаптопот на Хантер Бајден. Оние кои тврдеа дека треба да се ограничи пристапот до статијата се повикаа на политиката на компанијата за објавување хакиран материјал, но имаше и такви кои мислеа поинаку.
Дебатата во Твитер се одржа во пресрет на изборите во 2020 година, кога Џо Бајден, таткото на Хантер Бајден, се кандидираше против тогашниот претседател Доналд Трамп. Самиот Трамп минатиот месец најави дека повторно ќе се кандидира за претседател. Иако Трамп сè уште се смета за лидер на Републиканската партија, многу врвни луѓе на партијата се надеваа дека Трамп ќе престане да ги негира изборните резултати по релативно лошите резултати на партијата на неодамнешните избори.