Европската комисија подготвува нов пристап за проширување на Европската Унија со цел да спречи идните членки да станат „Унгарија 2.0“, односно држави кои по влезот во Унијата ќе почнат да отстапуваат од демократските стандарди и владеењето на правото, пишува Politico.
Планот е Црна Гора, која е најблиску до членство во ЕУ, да послужи како тест за новите правила за пристапување.
Според европски претставници, во идниот договор за членство на Црна Гора би можеле да се вклучат долгорочни механизми што ќе му овозможат на Брисел да реагира ако земјата назадува во демократските стандарди.
Поуките од проширувањето во 2004 година
Во Европската комисија се води дебата за тоа какви лекции треба да се извлечат од големото проширување во 2004 година, кога во ЕУ влегоа Унгарија, Словачка и уште осум држави.
„Дали Унијата има способност да реагира ако некоја држава назадува? Не баш“, изјавил еден европски функционер.
Токму Унгарија на Виктор Орбан често се споменува како пример за проблематичен развој по пристапувањето во ЕУ.
Будимпешта неодамна блокираше нов пакет санкции против Русија, како и финансиска помош за Украина вредна 90 милијарди евра.
Франција го кочи процесот
Иако Брисел сака да го забрза процесот на проширување, Франција засега не дава зелено светло за подготовка на новиот договор за членство на Црна Гора.
Париз зазема многу претпазлив став кон проширувањето пред претседателските избори во 2027 година, велат дипломати во Брисел.
„Сите се обидуваат да ја убедат Франција да се согласи“, изјавил еден европски дипломат.
Можно ограничување на правото на вето
Меѓу идеите што се разгледуваат е и можноста новите членки да го изгубат правото на вето ако ги прекршат основните вредности на ЕУ, особено во областа на владеењето на правото.
Но ова е чувствително прашање.
Според претставници на Црна Гора, Подгорица не би прифатила ограничување на своите гласачки права во ЕУ, иако е подготвена да прифати други механизми за контрола.
Амбициозна цел – членство до 2028
Црна Гора сака да стане 28-та членка на ЕУ до 2028 година.
Но патот до членство е долг. Земјата има уште 20 од 33 преговарачки поглавја што треба да ги затвори.
Дури и ако тоа се случи, членството мора да биде ратификувано од сите 27 земји членки, што е сложен и долг политички процес.
„Технички тоа е можно, но во политиката секогаш има непредвидливи фактори“, изјавил еден европски функционер.
Извор: Политико







