Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, преку јавна објава ги повика работниците на протест што ќе се одржи на 14 март во 12:05 часот, со почеток пред Работничкиот дом во Скопје, од каде што протестниот марш ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во објавата, Трендафилов нагласува дека протестот се организира поради незадоволството на работниците од односот на власта и работодавачите кон барањата за зголемување на минималната плата и на останатите работнички примања.
„Ниту едно од работничките права не ви е подарено, за секое од нив се имаме изборено“, порача Трендафилов, додавајќи дека синдикатот повторно ќе излезе на улица за да се избори за повисоки плати.
Барања за минимална плата од 600 евра
ССМ бара зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари. Според Трендафилов, актуелното законско усогласување на минималната плата од 1.667 денари се однесува само на работниците кои примаат минимална плата и не значи реално зголемување за останатите работници.
„Работодавачите и власта покажаа дека немаат слух за работниците за зголемување на минималната плата и за зголемување на работничките плати“, наведува тој во објавата.
Критики кон власта и „квази синдикалците“
Трендафилов во објавата упатува критики и кон, како што ги нарекува, „квази синдикалците“ кои, според него, ја поддржуваат само минималната корекција на платата.
„Квази синдикалци го сметаат истото и на ваша штета даваат поддршка само за законско усогласување на минималната плата за 1.667 денари, но затоа се наградени со месечни паушали од околу 15.000 денари“, наведува Трендафилов.
Тој ја обвинува и власта дека се обидела да ја пренасочи јавната дебата со најави за намалување на функционерските плати.
„Власта се обиде да спинува дека ќе ги намали функционерските плати, но реалноста е дека за еден час изменија шест закони со кои си ги бетонираат нивните високи плати“, пишува Трендафилов.
Повик за масовно учество
Претседателот на ССМ ги повикува работниците масовно да се приклучат на протестот, нагласувајќи дека само голема бројност може да донесе резултати.
„Борбата за зголемување на минималната плата не се води сам, затоа што силата на работниците е единствено во нивната бројност“, наведува тој.
Трендафилов потсетува дека на протестот на 28 јануари учествувале повеќе од 12.000 работници, но смета дека за исполнување на барањата е потребна уште поголема масовност.
„Потребни се многу повеќе од 20.000 работници со нивните семејства на улица“, додава тој.
ССМ: Протестот не е политички
Во објавата се нагласува и дека протестот не треба да се поврзува со политички интереси.
„Се оградуваме и ги отфрламе сите политички игри на грбот на работниците и работничката мака. Нема да дозволиме злоупотреба на работничката борба, ниту од опозицијата ниту од власта“, наведува Трендафилов.
Според најавата, протестот ќе се одржи во неработен ден, а за работниците кои сакаат да учествуваат ќе биде организиран и превоз од повеќе градови во земјата.







