Дезинформациите се голем проблем и во Косово и интензивно се работи на кампањи кои можат да го спречат ширењето на лажни вести, вели Фитим Гаши, новинар и аналитичар од Косово кој присуствуваше на конференцијата на „Метаморфозис“ што се одржа минатата недела во Скопје. Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, на тема борба со дезинформациите и пропагандата, Гаши ја објасни состојбата со опасноста од лажни вести на Косово.
„Како и во останатите земји од Западен Балкан, дезинформациите се голем проблем и во Косово. Ние се обидуваме преку кампањи кои ќе влијаат и ќе креираат вистински наративи да се бориме со дезинформациите. Состојбата се влоши особено по агресијата на Русија врз Украина, со пропагандата која доаѓа од Владимир Путин и Серегеј Лавров. Тие на пример, преку нивни медиуми на ширеа лажни вести дека во Украина се борат војници од Косово и ова го објавуваат за да создаваат клима која ним им одговара. Така што, конференциите за дезинформации се еден од начините да ги споделиме искуствата и да се бориме со пропагандата.“, вели Гаши.
Според Гаши луѓето сè повеќе ги препознаваат лажните вести и немаат доверба во портали кои немаат импресум и се со сомнително уредништво.
„Луѓето веќе научија да ги препознаваат професионалните медиуми и немаат довреба во портали кои се без импресум. Овие портали создаваат лажни вести, некои заради читаност и кликови а некои пак да креираат агенди кои треба да ги спроведат. Тоа што ние успеваме да го направиме со нашите партнери од „Метаморфозис“ и останатите од Западен Балкан е да се бориме со дезинформациите, да ги дебангираме. Исто така правиме анализи кои ги пласираме во јавноста за да се разбере вистинската слика за вистинските информации во Косово“, вели Гаши.
Ана Василевска
камера и монтажа: Самуел Дебус/OK-TV Ludwigshafen
Интервјуто е дел од проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ кој ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Youth4Media (Y4M), со поддршка од Владата на Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф, Германија
Извор: ЦИВИЛМЕДИА