Поразителни се резултатите од анкетата на ИРИ за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски. Имено и по пет години на чело на партијата, со која минуваше низ сцили и харибди, години во кои се обидуваше да се одлепи од ликот и делото на Никола Груевски, доби само шест проценти поддршка од граѓаните, односно поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски, иако со години мирно живее во Будимпешта, е со поголем рејтинг од него со седум проценти. Само до пред една година неговиот рејтинг беше три, а на Мицковски осум отсто.
Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски дури може да биде и задоволен од својот личен рејтинг, ако се земе предвид дека тој првпат е оценет од јавноста и нема претходни падови и порасти. И за чудо е само за еден индексен процент пониско од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.
Оттаму излегува дека Христијан Мицковски е најголем губитник според анкетата на ИРИ, затоа што „неговите“ не го препознаваат како лидер на партијата и уште помалку како шпицен кандидат за да ја води државата.
Залудни биле сите атаци кон власта и лично кон Ковачевски, кога тоа не допрело до пошироката јавност.
Можеби Ковачевски не е среќен што пред сите сегашни лидери води оној на црната листа на САД од Будимпешта, но може да биде сосема задоволен што и покрај сите економски, здравствени и енергетски кризи е со стабилен рејтинг меѓу граѓаните, за само еден индексен поен помалку од лидерот на партијата за која граѓаните би гласале на утрешни избори.