Руски суд нареди психијатриска евалуација на активистка на која и се суди за објави на социјалните мрежи во кои ја критикувала руската инвазија на Украина, пишува Скај њуз.
Адвокатката на активистката Раиса Болдова за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека одлуката на судот во Башкортостан, која е донесена денеска, ги крши човековите права на нејзиниот клиент. РСЕ известува дека полицијата почнала да ја истражува Болдова претходно оваа година, откако таа критички напишала за руската инвазија на социјалните мрежи.
Болдова е обвинета за „ширење лажни вести“ за руската армија, за што и се заканува затворска казна. За потсетување, Русија од почетокот на инвазијата усвои нови закони кои и овозможуваат да ги прати во затвор сите јавни противници на руската инвазија врз Украина.
На почетокот на овој месец, истакнатиот руски дисидент Илја Јашин беше осуден на 8,5 години затвор поради објавување видео на Јутјуб за руските воени злосторства во украинскиот град Буча во близина на Кијив.