Трговскиот суд во Париз денеска го казни производителот на ајфон, компанијата Епл, со малку повеќе од еден милион евра поради наметнување рестриктивни комерцијални клаузули за француските програмери на апликации за пристап до продавницата за апликации App Store на оваа компанија.
Во пресудата се наведува дека нема потреба да му се нареди на Епл, чија пазарна вредност изнесува околу 2,1 трилиони долари, да ги приспособи клаузулите на App Store бидејќи претстојниот Закон за дигитални пазари на Европската унија секако ги бара тие измени, пишува Ројтерс.
Иако е мала во споредба со огромниот профит што го генерира Епл, паричната казна од судот во Париз е уште еден знак за правен притисок врз Епл да ја олабави контролата врз App Store, досега единствениот начин на кој програмерите на алтернативни апликации имаат пристап до корисниците.
Портпарол на Епл истакна дека американската компанија ќе ја разгледа пресудата и верува „во жив и конкурентен пазар каде што иновациите можат да процветаат“.
Преку App Store, им помогнавме на француските програмери од сите категории да ја споделат својата страст и креативност со корисниците ширум светот, истовремено создавајќи безбедно и доверливо место за клиентите, додаде портпаролот.
Епл се соочува со зголемена антимонополска контрола врз нејзините договорни практики по усвојувањето на новиот закон на ЕУ кој ги таргетира технолошките компании чии платформи и софтвер станаа незаменливи за помалите дигитални компании.
Законот за дигитални пазари (DMA) ќе ги принуди Епл и Гугл да обезбедат простор за продавници од трети страни на нивните iOS и Android уреди. DMA стапи на сила на 1 ноември и сега има шестмесечна фаза на имплементација пред да стапи во сила во најголем дел од 2 мај 2023 година.