Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рано утринава објави дека е на пат за Соединетите Американски Држави за да разговара со американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати до Конгресот.
Зеленски на Твитер напиша дека е на пат за САД за да ја зајакне одржливоста и одбранбените капацитети на Украина.
Си-Ен-Ен објави дека Зеленски ќе престојува во Вашингтон на покана на Бајден, а подоцна двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.
Висок американски функционер рече дека пораката на Бајден до Зеленски ќе биде дека „САД ќе ја поддржуваат Украина колку што е потребно“.
Како што е наведено, претседателот на Украина денеска ќе има средби и со тимот за национална безбедност на Бајден и со лидерите на Конгресот.
Си-Ен-Ен, исто така, објави дека посетата на Зеленски ќе се совпадне со намерата на Бајден да и испрати на Украина дополнителна помош, која вклучува и ракети „Патриот“.