Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски и потпретседателите Орце Симов, Сашо Дукоски и Аркан Керим, беа домаќини на голема делегација на турски бизнисмени од Стопанската и индустриска комора на Чорлу, Турција, предвидена од претседателот Изет Волкан.
На средбата се дискутираше за можностите за унапредување на економската соработка, со фокус на инвестиции, информираат денеска од Сојузот на стопански комори на Македонија.
Претседателот на Сојузот, Ангелоски истакнал дека меѓу двете држави веќе е изградена блиска билатерална и динамична соработка на сите нивоа, што се смета за предност што може да се искористи и за воспоставување на директни релации меѓу бизнис заедниците.
– Република Турција постојано е меѓу нашите најзначајни трговски партнери и континуирано инвестира во македонската економија. Во релациите и комуникациите што се воспоставени меѓу бизнис заедниците од двете земји, секогаш воодушевува високо професионалниот пристап во работењето на турските компании, смета Ангелоски.
Според него, унапредувањето на економската соработка помеѓу двете земји е од особено значење за развојот на поширокиот регион на Југоисточна Европа, бидејќи пазарот во нашата држава е тесно поврзан со пазарите во Србија, Бугарија, Косово, но е близок и со пазарот на ЕУ.