Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денеска во Украина за време на нејзината ненадејна посета на Харков гарантираше дополнителна помош од Германија во борбата против рускиот агресор врз таа земја.
Граѓаните на Украина треба да знаат дека можат да се потпрат на солидарноста и помошта на Германија, истакна Баербок по пристигнувањето во овој град во источна Украина.
Баербок, чија посета се чуваше во тајност до последен момент од безбедносни причини, пристигна во Харкив во придружба на нејзиниот украински колега Дмитриј Кулеба.
Таа е првиот член на германската Влада кој отпатува во источна Украина од почетокот на руската инвазија врз таа земја. Баербок рече дека Харкив е симбол на рускиот напад врз Украина.
Овој град е симбол за апсолутното лудило на рускиот напад врз Украина и за неописливото страдање со кое се соочуваат граѓаните на Украина, особено овде на истокот на земјата, изјави германската министерка.
Шефицата на германската дипломатија изјави дека освен генератори, огревно дрво и ќебиња, зимската помош што нејзината земја и ја испраќа на Украина вклучува и оружје.
Помошта за Украина го вклучува и оружјето потребно за ослободување на граѓаните од теророт на руската опсада, нагласи Баербок.
Пред неколку дена Германија донесе одлука за испорака на оклопни борбени возила Мардер (Куна) на Украина, но истовремено Владата ги одби барањата за испорака на тенкови Леопард II.