Активистката Мерсиха Смаиловиќ на конференцијата „Различностите – благодат или проклетство“ во организација на Цивил, сподели лични искуства од борбата со институциите кога против неа била поднесена пријава дека шири говор на омраза.
„Сето тоа ме наведе да помислам дека општеството и институциите не се спремни да го прифатат предизвикот да имаме држава каква што имавме на пописот, толку различна и толку исполнета со диверзитет. Можеби се во право кога ќе кажат „повлечи се и седи дома“, бидејќи еден од повиците кон мене беше „не ти е местото таму каде што ти мислиш“. Дури и од јавната обвинителка ми беше кажано „седи дома, не пишувај, не критикувај, чувај деца“. Едноставно сите тие моменти, каде што вие сте жртва и не ви е проблем тоа да го кажете, бидејќи и законот ве означува, сметав дека институциите не одат во чекор кон вас и сметам дека ова е предизвик, којшто за да се покрене треба храброст од страна на Владата, треба храброст од страна на министерствата, институциите“, рече Смаиловиќ.