Европскиот предлог за дијалог меѓу Белград и Приштина беше главна тема на денешната средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на Европската унија, Соединетите Американски Држави, Германија, Франција и на Италија, соопшти денеска Владата во Приштина.
Како што се наведува во соопштението, на средбата се разговарало и за правата на малцинствата, барањето пет земји од ЕУ да го признаат Косово и членството на Косово во меѓународните организации.
Во соопштението е посочено дека учесниците на средбата повеќе од два часа разговарале за европскиот предлог, кој премиерот Курти го цени како добра основа за понатамошна дискусија, со цел да се придвижи напред кон целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со меѓусебно признавање.
„Се разговараше и за правата на малцинствата, за што премиерот го повтори своето разгледување во општата рамка за договорот што го предложи на 18 август 2022 година во Брисел“, соопшти косовската Влада. Курти изразил подготвеност за следни средби на високо политичко ниво и интензивирање на процесот.
Извор: МИА