Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, денеска по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот изјави дека единствениот начин да се спречат злосторствата против човештвото во иднина е да се осигура дека не се забораваат злосторствата и жртвите од минатото.
Тој на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи напиша дека Универзалната декларација за човекови права е „родена од пепелта на Холокаустот”, за да му додели на секое човечко суштество збир на права и слободи универзално заштитени од сите држави и да се осигура дека „варварските дејствија извршени за време на Холокаустот” нема да бидат сторени никогаш повеќе.
„А сепак, во текот на минатата година некои од последните преживеани од Холокаустот беа убиени во руската агресивна војна против Украина, заедно со многу жртви на повеќе воени злосторства, на прагот на Европската унија“, истакнува Борел.
Тој додава дека сите форми на негирање, искривување или банализирање на Холокаустот, вклучително и негова инструментализација како воена пропаганда, се против правото на ЕУ и универзалните вредности.
„Во согласност со Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот и негување на еврејскиот живот, ЕУ ќе продолжи да работи во и надвор од Европа за да се бори против негирањето на Холокаустот и антисемитизмот и да ја промовира слободата на религијата за сите. ЕУ ги охрабрува земјите ширум светот да преземат цврсти чекори во развојот на образовните програми за Холокаустот“, напиша Борел.
Високиот претставник на ЕУ смета дека колективните напори за промовирање и заштита на човековите права мора да се удвојат и дека во 2023 година, кога светот ја слави 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата за геноцид, треба повеќе од било кога да се испрати пораката „никогаш повеќе“.