Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска од собраниската говорница изрази жалење за последните активности од страна на официјална Софија. Ја нагласи потребата од деескалација на односите и апелираше да се продолжи ладнокрвно и внимателно.
– Мора да ставиме крај на таквите провокации, но секогаш да имаме предвид дека се тоа групи заинтересирани да ги киднапираат односите поради многу други причини, вклучувајќи и трети страни. И ние и бугарската влада не смееме да потклекнеме под провокациите и намерите на провокатори и киднапери кои сакаат да ни ја киднапираат европската иднина или да го влошат имиџот што го изградивме како држава, рече Османи, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Според него, треба да продолжиме ладнокрвно, внимателно да го зачуваме тој имиџ да изградиме стратегија за заштита на државните интереси, а не, како што рече, „да јаваме на бранот на јавноста“.
– Јас реков сезоната на лов на провокатори и политички профитери е почната и секој ќе се обиде на вакви сензитивни теми да го изгради својот наратив, кажа Османи.
Република Северна Македонија, како што истакна Османи, покажала силен, демократски и институцинален капацитет и низ брза ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи и приведувајќи сторител на кривично дело против кого активно се водат истражни дејствија.
– Нашата осуда беше откако обвинителството во Охрид имаше првична проценка дека инцидентот е поради елементи на идентитетски или етнички обележја, рече Османи.
Во изјава на Радио Слободна Европа, шефот на македонската дипломатија информира дека македонското МНР нема добиено официјална потврда дали повлекувањето на бугарскиот амбасадор е поради претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.
– Доколку повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија е поврзано со инцидентот кој се случи во Охрид, тоа би го сметал за диспропорционална акција, бидејќи станува збор за индивидуален инцидент за кој државата ги презеде сите можни мерки, изјави Османи за Радио Слободна Европа.
Официјална Софија вчера го повлече нејзиниот амбасадор од Северна Македонија. Денеска реагираше и македонското МНР кое смета дека последните активности на официјална Софија не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи и дека претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји.