Германската министерка за развој Свења Шулце денеска изјави дека германската Влада ќе му обезбеди 204 милиони евра на Бразил за заштита на животната средина.
Од вкупната сума, 38 милиони долари се донација на фондот за заштита на Амазон, што претставува најголем придонес за зачувување на амазонската прашума, пренесува АП.
Со новата Влада и тимот на претседателот Луис Инасио Лула да Силва и министерката за животна средина Марина Силва, имаме голема шанса да ја заштитиме шумата и да им понудиме нова перспектива на луѓето што живеат таму, истакна Шулце.
Германија, исто така, вети дека ќе им обезбеди на земјоделците 87 милиони долари заеми со ниски камати за обновување на земјоделските површини и 34 милиони долари за заштита на прашумите на Амазон.
И покрај сите проблеми, зголеменото уништување на шумите, грабежот на земјиштето, пожарите, ужасната ситуација во која се наоѓа домородното население, ова го гледаме како можност да ја свртиме целата ситуација, рече Лула да Силва.
Силва ја презеде функцијата претседател на Бразил на почетокот на јануари и вети дека ќе стави крај на уништувањето на шумите до 2030 година.
АП наведува дека за време на мандатот на претходниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, уништувањето на шумите во бразилската Амазонија го достигна својот врв во последните 15 години, откако тој ја укина политиката на заштита на животната средина во корист на експанзијата на агробизнисот.
Амазонската прашума зафаќа површина двојно поголема од Индија и служи како бариера за климатските промени, бидејќи дрвјата во неа апсорбираат големо количество јаглерод диоксид, а се проценува дека околу две третини од шумата се наоѓаат на територијата на Бразил.
Амазонската прашума е шума со најголем биодиверзитет во светот и содржи околу 20 проценти од слатката вода во светот.