„Кога во вторникот, на последната седница на Владата, констатирав дека ја завршуваме 121-та владина седница, се навратив на првата седница на оваа Влада. Била одржана на 17 јануари, лани. Во вообичаени околности, за 12 месеци, една Влада би одржала 48 седници – по една седница неделно. За точно една година, ние сме одржале најмалку двојно повеќе, плус 73, или вкупно 121 владина седница“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата „Година на нови можности“.
Тој додаде дека сепак целата работа вреди, бидејќи води кон светла цел – добро за сите и за нашата држава.
„Во годината зад нас, што се совпаѓа со годишнината од мандатот на оваа Влада, можевме многу лесно да бараме оправдувања зошто нешто не може. Или, можевме да се водиме од тоа како нешто може: како да направиме, да подобриме, да унапредиме. И ние одлучивме токму вака да работиме“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека во првата година од мандатот најмногу време посветил надвор од канцеларијата, бидејќи меѓу луѓето е се вистината, знаењето и решенијата.
„И гледам дека има многу работници, земјоделци, учители, лекари, има и сопственици на големи компании и занаетчии и мали фирми кои работат напорно, многу напорно, за да обезбедат егзистенција за себе, за своите семејства, за своите вработени. И со даноците што ги плаќаат, придонесуваат и во напредокот и изградбата на својата држава. Сите тие – вие сте мојата мотивација и изворот на сила и верба, дека овој пат што го одиме, сите деноноќни заложби да се обезбедат потребите на граѓаните, да се обезбеди европската иднина на државата, со сите кочници и блокади, објективни или со намера, дека сето тоа – вреди“ рече Ковачевски.