„Реформата за субвенционирањето во земјоделието е реформа донесена заеднички со земјоделците на повеќе од 50 состаноци минатата година. Имаме добро искоординирана реформа која верувам дека ќе даде резултати. Преминуваме од еден систем, каде што имавме заостанати исплати на нов систем каде што 30 отсто од субвенциите ќе се исплаќаат авансно“ изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на годишната конференција „Година на нови можности“.
Тој додаде дека авансните субвенции се врзани како европска мерка со цел одржување на земјоделските површини обработливи и се однесуваат за сите земјоделски култури.
„Исто така селектираме 24 или 25 значајни земјоделски култури за кои ја заокружуваме целосната поддршка од 100 отсто. Основната е за сите култури, дополнителната за избраните. Со субвенциите ќе доаѓаат и зголемена контрола и барања за зголемени стандарди од земјоделците“ рече Николовски.
Министерот додаде дека новиот модел на субвенционирање се поврзува со самото производство, за да се знае точно што произведуваме.