Европскиот пат позитивно ќе влијае врз демократската и економска консолидација на земјите од регионот, оцениле на денешната средба во Брисел министерот за надворешни работи, Бујар Османи и европратеникот и известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
Како што соопшти МНР, соговорниците размениле мислења за тековниот пристапен процес на Северна Македонија во ЕУ и потребата за забрзана евро-интеграција за сите држави од Западен Балкан во дадениот геополитички контекст.
На средбата, како што се наведува во соопштението од МНР, се разговарало за последните актуелности во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, поврзани со физичкиот напад врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
Министерот Османи посочил дека врз севкупната атмосфера во овој период секако не придонесуваат провокативните и навредливи изјави на член на Европскиот парламент, за што, како што кажал, веќе се упатени соодветни официјални реакции.
–Го информирав европратеникот Ќучук за напорите за деескалација на заострената реторика во односите меѓу нашите две држави, и потребата од враќање на позитивната динамика во нашите односи, изјавил Османи.
Тој нагласил дека и Северна Македонија и Бугарија треба да бидат посветени на интензивирање на политичкиот дијалог, со цел враќање на довербата.