Во руското гранатирање на Украина погодени се неколку цивилни цели, предизвикан е пожар во болница и уништени се пет станбени згради во градот Вовчанск, соопштија денеска локалните власти.
Во исто време, украинските власти известија дека Москва распоредува војници во источните региони пред, како што се сомнева Кијив, нова офанзива на годишнината од почетокот на инвазијата.
Службата за вонредни ситуации во североисточниот регион Харкив соопшти дека синоќа при гранатирањето на градот Вовчанск биле опожарени неколку станбени згради и една болница. Во пожарот нема жртви.
Вовчанск се наоѓа во областа Харкив, која беше окупирана од Русија на почетокот на инвазијата и повторно преземена од Украина во контраофанзива минатата година. Украина очекува дека Русија може да се обиде да ја врати територијата што ја изгуби во таа контраофанзива.
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека Москва ги фокусира своите напори во близина на градовите Лиман, Бахмут, Авдиевка и Новопавливка во источниот регион Доњецк, како и во близина на Купјанск во покраината Харков.
Во регионот на Доњецк, руските сили продолжија со гранатирање на Вуледар, рударски град кој беше една од клучните цели на Москва, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.
Гувернерот на провинцијата Доњецк, Павло Кириленко, објави дека Русија во последните неколку дена распоредила голем број свои војници во областа. – Трансферот на единиците на руската армија се одвива деноноќно. Руското гранатирање се зголемува, рускиот притисок се зголемува секој ден, рече Кириленко.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш синоќа изрази загриженост поради зајакнувањето на конфликтот како што се приближува крајот на зимата и додаде дека „се намалуваат изгледите за мир“, а „се зголемуваат шансите за натамошна ескалација и крвопролевање“