Земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во 11.57 часот во реонот на албанскиот град Елбасан, кој во земјава бил почувствуван со послаб интензитет од жителите на Преспа, Охрид, Струга и Дебар.
Како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при скопскиот Природно-математички факултет, епицентарот на земјотресот бил на 130 километри југозападно од Скопје во епицентралното подрачје на Елбасан со интензитет од 3 до 4 степени според Европската макросеизмичка скала.
Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, потресот бил на длабочина од два километри под површината на земјата, со епицентар на 23 километри источно од Елбасан и 10 километри јужно-југоисточно од градот Либражд.
Албанските медиуми, пак јавија дека земјотресот бил со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала на длабочина од 10 километри и со епицентар на 39 километри од Тирана, во реонот на Елбасан.
Потресот бил почувствуван во повеќе градови во Албанија, на потегот од Корча до Тирана. Нема извештаи за предизвикани штети.
Во првите денови на минатиот месец во Албанија беа регистрирани серија земјотреси со епицентар во реонот на Клос, при што беа оштетени неколку згради.