Турската полиција уапси 12 лица поради урнатите згради во југоисточните провинции Газиантеп и Шанлиурфа по катастрофалниот земјотрес што ја погоди Туркије, објавија локалните медиуми.
Меѓу приведените има и изведувачи, според новинската агенција ДХА.
Најмалку 6.000 згради се урнаа по земјотресот со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот, при што загинаа повеќе од 25.000 луѓе и предизвика гнев поради неквалитетната градба, објави новинската агенција Франс прес.
Се очекуваат нови апсења откако јавниот обвинител во Дијарбакир, една од 10-те југоисточни провинции погодени од земјотресот, денеска издаде налози за апсење на 29 лица, објави државната новинска агенција.
Еден од уапсените денеска бил градежен изведувач во Газиантеп, соопшти агенцијата, додавајќи дека бил пронајден од полицијата во Истанбул.
Обвинителите покренаа неколку истраги во провинциите, вклучувајќи го и Кахраманмараш, каде што е областа Пазарџик, каде што се наоѓаше епицентарот на земјотресот.
Турското Министерство за правда им нареди на обвинителите во 10 провинции да формираат специјални „канцеларии за истраги за криминал поврзани со земјотресот“.
Турската полиција вчера го уапси изведувачот на високата луксузна станбена зграда што се урна во провинцијата Хатај. Тој бил уапсен на аеродромот во Истанбул, наводно додека се обидувал да побегне од земјата.