Меѓународниот координативен центар за истражување на руската агресија врз Украина, со седиште во Хаг, ќе биде оперативен во јули, изјави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс.
– Задачата на Центарот е „да собере и зачува докази за кривичното дело агресија и да им овозможи на обвинителите да се консултираат… не само за истрагите, туку и за можното гонење“, наведе рече белгискиот комесар на заедничката прес-конференција со украинскиот државен обвинител Андриј Костин.
Тоа е замислено како прва фаза пред формирањето на специјален суд за судење на највисоките руски функционери, што го бара Киев.
Меѓународниот кривичен суд има јурисдикција само за воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени во Украина, а не за „злосторството на агресија“ извршено од Русија, што може да им се припише на нејзините највисоки функционери. ЕУ го поддржува формирањето на судско тело одговорно за овој вид криминал, но неговата точна форма покренува сложени правни прашања.
Костин ги повика „сите демократски земји кои веќе гласаа на различни форуми дека Русија извршила агресија врз Украина“ да го поддржат формирањето на такво тело.
Привременото „обвинителство“ ќе биде формирано во седиштето на „Јуроџаст“, европската агенција за судска соработка во кривичната материја. Тој ќе биде интегриран во „заедничкиот истражен тим“, кој веќе го сочинуваат шест земји од ЕУ (Литванија, Полска, Естонија, Летонија, Словачка, Романија) и Украина, а во кој учествува и Меѓународниот кривичен суд.