Полицијата во Бугарија денеска соопшти дека разбила синџир на шверцери, наводно одговорни за смртта на 18 мигранти во напуштен камион еден ден претходно, и уапси седум лица.
Државниот јавен обвинител Борислав Сарафов во Софија зборуваше за организирана криминална група која собира мигранти на надворешната граница на Европската унија со Турција и ги носи до патот на граничниот премин со Србија.
Бугарската полиција вчера пронајде безживотни тела на 18 мигранти од Авганистан, меѓу кои и едно дете, скриени под дрва и прошверцувани во Турција и Бугарија, а се претпоставува дека се задушиле во напуштен камион во близина на Софија. Останатите 34 лица од камионот се пренесени в болница и се во стабилна состојба.
Бугарското државно обвинителство покрена обвинение против седум лица за трговија со луѓе и смрт на мигранти. Сарафов истакна дека 18 лица починале од недостиг на кислород во затворениот простор и отежнато дишење бидејќи биле затворени како во конзерва.
Криумчарите шверцувале мигранти од турската граница преку Бугарија во Србија, од каде главно оделе во Британија, Германија и Франција.
Поради илегалната миграција, барањето на Бугарија за влез во Шенген зоната беше блокирано од Австрија и Холандија во декември минатата година. Мигрантите често ја преминуваат надворешната граница на Европската унија на необележани премини за да избегнат да бидат регистрирани на официјалните гранични премини.