Дел од здравствените работници од јавното здравство веќе ја имаат јануарската плата на своите сметки, соопшти доцна попладнево Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), додавајќи дека исплатата ќе тече постепено, во етапи и се очекува да заврши во следните 48 часа.
Поради неисплатата на плати откако беше хакиран системот на Фондот, здравствените работници најавија дека револтот ќе го искажат и на протест. Дел од вработените во Градската општа болница „8 Септември“ денеска веќе излегоа на протестот и побараа итно исплаќање на платите.
Фондот претходно денеска соопшти дека започна исплата на боледувањата, породилното отсуство и разни рефундации.
Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметки во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 05.02.2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени после овој датум ќе започнат да се внесуваат во подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата, се наведува во соопштението.