Топло добредојде во Белград од страна на мојот српски колега, МВР на Република Србија, Братислав Гашиќ, на чија покана денеска сум во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Србија, со цел да оствариме билатерална средба да ги размениме нашите искуства и мислења за продлабочување на соработката, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.
На средбата било истакнато дека градењето меѓусебна доверба и регионалната соработка се клучни елементи за стабилноста на нашите земји, но и во целост за регионов.
– Во однос на билатералната стратешка и оперативна соработка помеѓу двете МВР, можам да констатирам дека истата се реализира доста интензивно, како преку продуктивната договорна соработка, така и преку непосредни контакти на двете полициски служби, решавање на заеднички случаи, мешани патроли, вршење на гранични проверки и воопшто преку спроведување на заемна партнерска полициска соработка, придонесувајќи на тој начин за зачувување на безбедноста и стабилноста во двете држави и во регионот, напиша Спасовски.