Со гласање на 65 пратеници во Собранието денеска се потврди зајакнатото и зголемено парламентарно мнозинство, порача пратеникот од СДСМ Мартин Костовски на прес-конференција откако по повеќедневна расправа беа разрешени министрите од „Алтернатива“ Беким Сали, Адмирим Алити и Џемаил Чупи.
Костовски рече дека „поради кочење и блокади на опозициската ВМРО-ДПМНЕ непотребно се изгубени 10 дена во Собранието“ кое расправа за реконструкција на Владата.
– Сами на себе си реплицираа пратениците од опозицијата, само за да се одолговлекува, да се трошат пари на граѓаните. Зошто? Само затоа што пропаднаа сите лажни изјави на Христијан Мицкоски дека ќе има ново мнозинство, дека Владата само што не паднала, рече Костовски.
Според СДСМ, „поради неразумното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, секој ден се трошат по 55.000 евра на граѓаните, среде криза“.
-Ние, пратениците од парламентарното мнозинство ќе го издржиме и ова деструктивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ. Подготвени сме по цели денови во Собранието да ги браниме интересите на граѓаните и да ја сведеме на минимум штетата што ја прави ВМРО-ДПМНЕ, рече Костовски.
Тој порача дека со завршување на реконструкцијата ќе се обезбеди политичка стабилност, зголемена ефикасност на Собранието и побрзо носење на законите.
-Тоа ќе придонесе забрзано да продолжиме со реализација на реформите во економијата, во судството и во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ, рече Костовски.
Продолжението на седницата за реконструкцијата на Владата и изборот на нови министри е најавено за 20 часот вечерва по завршување на седницата за пратенички прашања.