Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, упати порака до украинскиот народ во знак на нивна поддршка за храброста и нивната решителност во отпорот против воената инвазија од страна на Русија која трае 12 месеци, соопшти прес-службата на МНР.
До украинскиот народ, Свесни сме за страдањата низ кои поминувате изминатите 12 месеци. Ние се солидаризираме со вас. Северна Македонија како Претседавач со ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува Украина во овие тешки времиња. Оваа подрршка ќе биде уште посилна кога конечно ќе се врати мирот. Ова е наша обврска и цел. Вие не сте сами, се вели во пораката од Османи.
Шефот на македонската дипломатија минатиот месец ја посети Украина и посети неколку места кои беа силно погодени од воените дејствија. Тој оствари средби со цивилното население и низа средби со високи претставници на државната власт на Украина. Османи порача дека еден од главните приоритети на претседавањето со ОБСЕ ќе биде состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија – За луѓето се работи!