Пишува: Мирјана ВАСИЛЕВА
Помина една година од почетокот на војната во Украина. Русија спроведе воена инвазија што го шокираше светот. Сега светската јавност живее во исчекувања што ќе донесе втората година од војната во Украина. Украинците не отстапуваат од заложбите дека ниту една педа од окупираните подрачја нема да му бидат препуштени на агресорот.
Војната во Украина уште еднаш на виделина и на „првата линија“ на известувањата за неа ја исфрли темата за ангажирањето на платеничките, паравоени формации. Темата во фокусот ја смести руската приватна војска „Вагнер“, која што, како што е познато, е ставена и на црната листа на САД како терористичка група.
Кога воените платеници ќе си преземат улога што не им припаѓа
Во последните неколку недели, и тоа токму во пресрет на првата година од воената инвазија на Русија на Укарина, на изненадување на многумина, како во Русија, така и во светот, беше расправијата што се случи во Москва меѓу тамошното Министерство за одбрана и лидерот и основач на приватната воена организација „Вагнер“ Евгениј Пригожин.
Шефот на руската паравоена група „Вагнер“ Пригожин го обвини Генералштабот на руската армија за „предавство“ затоа што одбиле да им обезбедат опрема на неговите платеници на линијата на фронтот во источна Украина.
Светските агенции коментираат дека изјавата на Пригожин укажува на зголемена тензија меѓу неговата Вагнер група и руската армија, бидејќи се чини дека двете сили се доживуваат како конкуренција на теренот во Украина.
Приватната воена организација „Вагнер“ во последните неколку месеци се бори пред сѐ во зоната на градот Бахмут, во Донбас и преку својата страница на Телеграф постојано се фали дека постигнува забележителни успеси од воена природа, како што е освојувањето на градчето Соледар на почетокот на јануари годинава, но и на делови од самиот Бахмут, стратешки важен град, во кој пред војната живееа околу 70.000 жители.
Овие успеси на „Вагнер“, сепак, се во сенка на честите информации за бројните злосторства на неговите членови, и во контекст дека во оваа приватна паравојска се борат голем број затворски осуденици.
Дополнителен проблем на рускиот штаб во Украина му задава првиот човек на „Вагнер“ Пригожин, кој отворено ја обвинува руската воена администрација и огромната и неефикасна бирократија дека им отежнува на неговите борци да набават воена опрема, пред сè муниција за јуришните единици.
Дека состојбата на релацијата Пригожин и руските генерали во Украина била непријатна, говори и фактот што на денот на говорот на Путин пред неколку дена, кога новинар побарал коментар за конфликтот меѓу Пригожин и Министерството за одбрана, министерот Сергеј Шојгу изјавил само дека не сака ништо да коментира бидејќи се работи за приватна компанија.
Платеничката биографија на „Вагнер“
Според Би-Би-Си „Вагнер“ за првпат беше идентификувана во 2014 година кога ги поддржуваше проруските сепаратисти во конфликтот во источна Украина. Разузнавачките служби на Велика Британија тврдат дека секој припадник на „Вагнер“ има наредба да го убие украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Иако официјално не се утврдени директни врски меѓу „Вагнер“ и руската влада, и Кремљ секогаш негира каква било државна вмешаност во оваа платеничка војска, и постојано нагласува дека приватните воени компании се нелегални во Русија, сепак се верува Евгениј Пригожин има блиски врски со Путин.
Досега тројца членови на „Вагнер“ се обвинети дека извршиле воени злосторства во Украина во април 2022 година во селото Мотижин во близина на Киев, додека германската разузнавачка служба ги сомничи платениците за веројатно вмешаност во убиствата на цивили во Буча, за време на повлекувањето на руските сили од околината на Киев.
„Вагнер“, руската приватна армија под контрола на Евгениј Пригожин, човек со прекар „готвачот на Путин“, пред да ги распредели своите платеници во Украина, дејствуваше во Сирија и во неколку африкански земји – Либија, Буркина Фасо, Мали, Централноафриканската Република, а нивни припадници извршувале и специјални задачи во Венецуела кога во земјата со најбогати резерви на нафта требаше да се одржи диктаторската власт на Хуго Чавез, а потоа и на неговиот наследник Николас Мадуро.
Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч изјави во мај 2022 година дека има „убедливи докази“ дека руските паравоени сили убиле цивили и извршиле сериозни прекршувања на човековите права во граѓанската војна во Централноафриканската Република.
„Вагнер“ се соочува и со обвиненија за злосторства против цивили во Либија. Во извештајот на независната мисија за проверка на факти во Либија, нарачана од Советот за човекови права на Обединетите нации, експертите наведуваат дека постојат причини да се верува дека членовите на „Вагнер“ пукале директно кон луѓето кои не учествувале во конфликтите.
„Вагнер“ и нејзините платеници се поврзуваат и со масакрите и убиствата на цивили во Мали во текот на 2022 година.
„Вагнер“ на Балканот
Единицата е под санкции на Европската унија од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружени конфликти ширум светот. Вагнер е на црната листа на САД од јуни 2017 година поради неговата вмешаност во конфликтите во источна Украина.
Руската приватна воена компанија „Вагнер“ беше во фокусот на јавноста и во земјите на Западен Балкан. Последен пат тоа беше со обидите да регрутираат борци во земјите од регионот преку врски со десничарски организации.
За нивни „замешателства“ има индиции и во настаните на Јариње на Косово во декември 2022 година, кога тогашниот заменик-министер за надворешни работи и дијаспора на Косово Крешник Ахмети рече дека „поединци, кои се на списокот на ЕУ, се вклучени во сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и тортура и убиства“, алудирајќи на припадници од групата „Вагнер“.
Разузнавачки податоци се појавија и за присуството на „Вагнер во Босна и Херцеговина, кога министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ оваа година во јануари изјави дека разузнавачките податоци укажуваат на присуство на групата „Вагнер“ во таа Босна и Херцеговина. Од 2014 година, откако е формирана, до денес, приватната компанија за воени услуги „Вагнер“ на Евгениј Пригожин, стана неговиот најважен бизнис откако се докажа како ресторанџија кој започна со сендвичара за хот-дог и направи ланец од најлуксузни ресторани, од кој оној во Санкт Петерсбург беше омиленото место на Владимир Путин. Пригожин по тоа го доби прекарот „Готвачот на Путин“, но сега многумина се прашуваат што има во „вагнеријанскиот боршч“ на Евгениј откако неговите платеници се на листата на потенцијални „гости“ на Меѓународниот суд за воени злосторства и дали „сркањето“ на таа чорба ќе го доведе и Путин во врска со овие злосторства.
Текстот е личен став на Авторката. Преземено од Рацин