Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Добро, луѓе, јас многу добро знам што имаат оние луѓе кои се во опозиција, и сам сум бил опозиционер долги години. Кога велам „сам сум бил опозиционер“, значи дека не само што сум бил сам – без тате, мама, бате, вујче, стрина, дада, золва, свастика и останата „покуќнина“ – туку сум бил и гол пиштол, ако не се земе во предвид 200-300 денари дневно, пари за цигари и кафе од жена ми (само таа работеше во времето на онаа несреќа, името да не му го спомнувам), или кога ќе одев за Скопје на заверенички опозициони дружења, во мојот џеб се наоѓаше и до цела една пара од илјада денари.
И така се живееше, буквално и симболички. Пишуваш за беспари, веруваш за беспари, читаш за беспари. Имав некои другари по Скопје, ми даваа книги, а јас што да правам: го полнев ранчето, ги носев книгите дома и – читав; ја полнев празнината со читање. Барав смисла во читањето.
Денес, гледам, машала, најголемиот опозиционен лидер, ни јавуваат интернет порталите, набавил куќарка од фантастични милион евра. Мицкоски, тој „карадушманин“ имал куќа од милион евра. Убава куќа, човек да влезе внатре во четврток да излезе во понеделник, ако ме разбирате што сакам да кажам. Навистина убава куќа, „мрсна“, со сите салтанати. Стискаш дугме „џак на леѓа“. Само една работа не разбирам: што бара Мицкоски во политика, ако има толку многу пари? Како ќе излезе пред народот и Сенатот и ќе зборува за сиромаштија, безработица, покачени цени, енергенси и останати животни потрепштини кога и самиот, во Скопје, живее како Џеј-зи и Снуп Дог заедно? Или може па богаташите умираат од досада, а политиката е возбудлива играчка за жонглирање со луѓе, посебно кога имаш толку пари?
Гледате ли зошто Мицкоски е фолирантски лидер: можеби може да биде премиер, крал, шах, ама секогаш ќе „чкрипи“ заради менталитетот што го има. Не само тој, туку и неговите комесари. Тие луѓе, вклучувајќи го и Мицкоски, се мегаломани. ВМРО-ДПМНЕ не е никаква морална партија со натприродна православна духовност, несебичност, семејни вредности, нематеријализам, што претставува еден вид „идеалистичка илузија“ која ни ја наметнуваат уште од времето на нивното основање. Нивната потреба за слава, пари, материјални добра нема крај. Знаев дека уште кога го „избаци“ Мицкоски оделото на Карл Лагерфелд на еден митинг во Скопје, ви велам, знаев дека тој човек е тука за чист, сувопарен и брутално рационализиран материјален интерес.
Приказните за името, страдањето на „македонскиот народ“, изигрувањето на вечна жртва, тоа се обрасци за трчање по власт. И ништо друго.
Тоа е тоа, такви се опозиционите состојби на терен. А од каде му пари на Мицкоски за толкав луксуз, куwрч и бегство од реалноста? Што знам, оној Ацо „мечката“ од Инфомакс ми делува дека сè на Мицкоски му знае. Знае Ацо и каде бил и што сонувал. Можно е да му знае и од каде му е таа мрсна скаламерија во време на „најголемата криза на Македонците“.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.