Во Албанија најпопуларен политичар и натаму е лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер Еди Рама.
Ова го покажуваат резултатите од анкетата спроведена од „Euronews Albania“ во која испитаниците дале свое мислење за главните политички лидери во земјата.
Освен за Рама, позитивна или негативна оценка дале и за лидерот на побројното крило на опозициската Демократска партија (ДП), Сали Бериша, за лидерот на Партијата на слободата Илир Мета и вршителот на должноста претседател на ДП, Енкелед Албеај.
За Еди Рама негативно или многу негативно мислење имаат 49,7 отсто од анкетираните, а позитивно или многу позитивно мислење 47,3 отсто, додека 3 отсто одбиле да дадат одговор.
За Сали Бериша, кој е поранешен претседатал на Албанија и експремиер негативно или многу негативно мислење имаат 70,4 отсто од граѓаните, позитивно/многу позитивно 26,8 отсто, додека 2,8 отсто одбиле да одговорат.
Негативно или многу негативно мислење за поранешниот лидер на ДП Љуљзим Баша имаат 76,7 отсто од испитаниците, позитивно или многу позитивно 20,2 отсто а 3,1 отсто одбиле да одговорат.
Најголем процент или 87,6 отсто од испитаниците имаат негативно или многу негативно мислење за Илир Мета, кој до јули минатата година беше шеф на државата, 8,8 имаат позитивно или многу позитивно мислење а 3,6 отсто не одговориле.
За Енкелед Алибеај негативно или многу негативно мислење имаат 72,1 отсто, позитивно или многу позитивно мислење имаат 20,8 додека 7,1 отсто од испитаниците одбиле да одговорат.
Извор: МИА