Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
До проф. Мирјана Најчевска
Госпоџо Амбасадорка,
Од каде да почнам? Со толку малку зборови, кажавте толку многу. За себе. Не Ви е првпат, но редно е да се одговори, барем еднаш, на Вашите крајно неодмерени коментари на социјалните мрежи.
Напишавте: „CIVIL станаа гласило на ДУИ?“ (4 март, на Фејсбук) Тоа го поврзавте со објавата на ЦИВИЛ Медиа со еден мал цитат од интервју со Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а која беше објавена насекаде во медиумите тој ден.
Доволно е само минимум медиумска писменост, колку за 4-то одделение, за да се види дека ЦИВИЛ Медиа само ја врши својата функција како медиум – ја информира јавноста секој ден, со десетици авторски прилози и уште толку агенциски вести или избор од содржините објавени во други медиуми. Агенциските вести и преземените прилози не ни се примарни. Нашата медиумска платформа првенствено и највидливо објавува содржини од авторската продукција, па така, секој ден се објавуваат голем број изјави, интервјуа, анализи и колумни – според уредувачкиот колегиум – за сите најважни работи во земјава, регионот и светот.
Секому му е јасно за што зборуваме овде. Во објавата што Вие ја коментирате, се работи за првиот човек на Министерството за надворешни работи, а не за ДУИ, како што Вие погрешно ги наведувате луѓето.
Тоа не е случајна грешка. Вие тоа го правите тенденциозно, злонамерно и систематски, госпоџо Амбасадорка.
Што ќе речете за тоа што во ЦИВИЛ Медиа има трицифрена бројка текстови, интервјуа, изјави итн.? Еве ЛИНК. Дури и после вашите националистички објави во јули 2022 година, кога и мене ме прозивавте, јас како уредник објавив Ваша колумна (Арачиново синдром). Што бевме тогаш? Гласило на ДУИ?
Ме прашавте, без да се извините за вашето однесување кон мене, имајќи зад себе долга низа националистички објави за цела една етничка заедница, дали ќе објавам Ваш текст. Имаше проблем? Без поговор, објавив Ваш текст. И не мислам дека тоа е погрешна одлука.
Дали треба да Ве потсетам дека, колку што можевме, секогаш плаќавме за Вашите текстови? Што бевме тогаш? Гласило на ДУИ? Или мислите дека никому нема да му текне дека, во име на личните интереси, ја понижувате државата и институцијата со тоа што ги нарекувате ДУИ. Не оди тоа така, госпоџо Амбасадорка.
А кога објавуваме изјава од Мицкоски, тогаш што сме? Гласило на ВМРО-ДПМНЕ? Или кога објавуваме вести за руската пропаганда и хибридни закани против Македонија, тогаш што сме? Гласило на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, или некоја друга партија?
Па Вие, како госпоџа Амбасадорка, имате врска со ДУИ, не ние! Дајте, Ве молам! Не ги залажувајте веќе луѓето! Не е в ред сите да ги правите будали. Некој, еве како јас денеска, ќе реши да Ви одговори.
Може ли да ја искористам приликата, госпоџо Амбасадорка, да Ве прашам нешто. Дали можеби очекувате од Мицкоски (ако некогаш дојде на власт) да бидете унапредена во Министерка или барем во госпоџа Министерка? Некако така ми мириса.
Многу сум се карал со луѓе во Ваша одбрана, госпоџо Амбасадорка. Испадна дека повеќето од нив биле во право за Вас. На многу столици седите, сакате пари, сакате да имате моќ, а сите свои слабости ги криете со злонамерно и неконтролирано пискарање по социјалните мрежи.
Срам Вас било госпоџо!
Текстот е личен став на Авторот. Преземено од Цивил Медиа