Украина денес се наоѓа во 379-от ден војна, откако Русија изврши инвазија врз земјата.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Фронт
Руската војска утрово изврши ракетни напади врз голем број украински региони, вклучително и црноморското пристаниште Одеса и вториот по големина град во Украина, Харков, соопштија регионалните власти. Експлозии се регистрирани и во главниот град Кијив.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека окупаторите можат само да ги тероризираат мирните луѓе. Тоа е сè што можат да направат, но тоа нема да им помогне, рече во врска со последните руски напади врз Украина. Русите ноќеска истрелале 81 проектил врз регионите на Кијив, Кироворад, Дњепар, Одеса, Харков, Запорожје, Лавов, Ивано-Франковск, Житомир, Виниција. Нападнати биле критична инфраструктура и станбени згради.
Четириесет отсто од жителите на Кијив денеска немаат греење по руските напади во текот на ноќта. Според украинските власти, во нападите загинале најмалку пет лица во западните и во источните региони.
Тројца цивили беа убиени откако руските сили гранатираа на станица за јавен превоз во градот Херсон.
Во областа Золочив во регионот Лавов, руска ракета погоди голем број станбени згради, при што според привремените извештаи загинаа најмалку пет лица. Шефот на управата додаде дека урнатините се уште се расчистуваат. Може да има повеќе луѓе одоздола.
Во Мариупол, кој е привремено окупиран од руската армија, напаѓачите веќе уништија 400 станбени блокови за да ги сокријат воените злосторства. За два месеци интензивен оган, русите ја уништија секоја втора висококатница. Тие ги сокриле своите воени злосторства, рече градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко.
Запорижја
Украинската нуклеарна централа Запорижја е исклучена од редовно снабдување со електрична енергија по големиот бран руски ракетни напади низ целата земја. Постројката окупирана од Русија во јужниот град Енерходар сега се напојува со дизел генератори за итни случаи, соопшти утрово украинскиот нуклеарен оператор Енергоатом на Телеграм, додавајќи дека снабдувањето со гориво може да трае 10 дена.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси повторно предупреди за опасноста по рускиот удар врз украинската нуклеарна централа во Запорижја. Тој апелираше до сите „да се посветат на заштитата на безбедноста“ на централата, со формирање посебна зона.
Политика
Украинскиот воен персонал ја заврши обуката за тенкови Леопард 2 во Полска. Сите полски тенкови од овој тип, кои Варшава имаше намера да ги испрати во Кијив, веќе се во Украина.
Министерот за одбрана на Украина, Олексиј Резников и премиерот на Шведска, Улф Кристерсон на средба разговараа за прашањето за зајакнување на безбедноста во Европа.
Подготви: А. Ристески