Четири лица загинаа, а три лица, меѓу кои и едно дете, беа повредени во руско гранатирање на регионот Херсон во изминатото деноноќие.
– Во текот на изминатиот ден, Русите извршија 79 напади, испукувајќи 407 гранати од тешка артилерија и повеќекратни ракетни системи за лансирање, објави на телеграм шефот на регионалната воена управа Херсон, Олександр Прокудин, пренесува Укринформ.
Според Прокудин, непријателот го погодил градот Херсон девет пати. Вкупно 47 гранати удриле во станбени населби, приватни куќи, станбени блокови и станица за јавен превоз.
„За жал, има цивилни жртви. Четири лица загинаа, а тројца, меѓу кои и едно дете, се повредени“, истакна Прокудин. Уште 78 лица се евакуирани од областите во регионот.
Како што е соопштено, на 8 март руската армија ја гранатираше територијата на Херсонската област 86 пати, при што загина едно лице, а беа повредени уште три.
Подготви: А. Р.