Одлучивме да станеме дел од парламентарното мнозинство бидејќи на овој начин овозможуваме да се постигне потребниот број за изгласување на уставните измени, вака ја образложува одлуката на приклучување на АА во Владата, Исен Шабани, организациски секретар на овој субјект и градоначалник на Општина Врапчиште, објави МИА.
Тој во емисијата „Политика“ на ТВ Глоби изјави дека во одлуката се влијаело за да станат дел од извршната власт и за да се преземе одговорност земјата да се движи побрзо на европскиот пат.
Ние можевме да ја поддржиме малцинската влада но, не сакавме да бидеме обвинети дека како опозиција соработуваме со таа влада. Затоа, решивме да преземеме одговорност и сега кога ја презедовме одговорноста, треба да помогнеме во овој процес на уставните измени во рок од десет месеци. На овој начин ние даваме шанса да се постигнат бројките за уставните измени, бидејќи ако одберевме да останеме во опозиција, тоа ќе беше полесно но, ќе имавме криза и можеби ќе одевме на предвремени парламентарни избори, не ни преостануваше друг пат, истакна Шабани.
Тој изрази увереност дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат уставните измени.
Да, шансите се големи, ние имаме надеж и работиме во тој правец. Се надевам дека и кај македонската најголема партија, која што ја создава најголемата блокада, ќе има пратеници кои ќе ги поддржат уставните измени, додаде Шабани.
Запрашан од каде вакво убедување, Шабани рече дека некои од пратениците на партијата на Мицкоски самите го сакаат ова.
Кога разговараме во претседателството на партијата, нашите пратеници кажуваат дека комуницираат со сите нивни колеги од другите политички субјекти но, конкретно сега кога зборуваме за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие кажуваат дека има волја што укажува дека сега тие, во еден многу краток период, ќе ја поддржат идејата за уставните измени, иако сега имаат притисок од нивниот лидер. Се разбира, тој е под притисок од тоа што го изјави порано и не знае како да излезе од таа ситуација но, тој тоа го прави повеќе за политички маркетинг, истакна Шабани.
Шабани е уверен дека до крајот на годината уставните измени ќе бидат изгласани.