Најмалку тројца руски дипломати, меѓу стотиците протерани од земјите-членки на ЕУ или се наоѓаат на „црната листа“ од почетокот на инвазијата врз Украина, сега се акредитирани претставници во Србија, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во месеците по руската неиспровоцирана инвазија на Украина минатата година, стотици руски дипломати беа протерани од земјите на ЕУ, а неколку земји како причина за нивното протерување или ставање на „црната листа“ ја наведоа наводната шпионажа.
Најмалку тројца од тие дипломати сега се акредитирани во Србија, вклучително и двајца поврзани со руските разузнавачки служби, соопшти РСЕ, повикувајќи се на своето повеќемесечно истражување.
Четвртиот дипломат, кој во моментов се наоѓа во руската амбасада во Белград, ја напушти руската дипломатска мисија во Хелсинки два месеца откако Финска објави дека ќе ги протера дипломатите од земјата како одговор на руската агресија во Украина.
Русија го зајакна своето дипломатско присуство во Србија по бранот протерување дипломати од ЕУ минатата година, а српското Министерство за надворешни работи сега има 62 акредитирани дипломати на својата листа, во споредба со 54 во март 2022 година.
За разлика од повеќето европски земји, Белград не воведе санкции против Москва по почетокот на инвазијата на Украина, и додека Србија се стреми да се приклучи на Европската унија, претседателот Александар Вучиќ и владата на Ана Брнабиќ се трудат да одржат традиционално силни врски со Русија, објаснувајќи го тоа како „национални и државни интереси“.
Покрај енергетската зависност од рускиот гас, Србија и Русија имаат православно христијанско наследство, а Москва го поддржува Белград во бројни спорови со Западот. Истовремено, Русија е меѓу земјите кои не ја признаваат независноста на Косово и ги поддржува напорите на Србија да го блокира членството на Косово во меѓународните институции.
Сега најмалку еден протеран руски дипломат поврзан со одделот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) и има врска со нападите насочени кон американскиот енергетски сектор, е испратен во Белград, додека друг е поврзан со руското контраразузнавање, тврди РСЕ по речиси една година истражување.
Г.Т.