Училиштата и градинките низ земјава почнаа да ги спроведуваат новите упатства од Министерството за внатрешни работи за евентуални закани за поставени бомби.
Дали има закани за подметнати експлозивни направи во основните и во средните училишта, но и во останатите објекти во земјава, знае само полицијата. Јавноста нема да биде информирана согласно новите протоколи кои ги воведе МВР, освен во случај заканата да е реална.
Со оглед на долгиот период колку што траат лажните закани, се поставува прашањето како овие дојави влијаат врз менталното здравје на учениците и дали може да предизвикаат стрес, анксиозност и друго чувство или состојба?
Ивана Велевска-Блажевска, училишен лиценциран психолог и семеен и системски советник за „Локално“ објаснува дека заканите во училиштата негативно се одразуваат врз менталното здравје на учениците, па и на наставниците.
-Секако дека стресот е често присутен кај многу ученици, но кај помалите ученици е е многу поизразен, тие не знаат да ја сокријат својата вознемиреност. Исто така појавата на стресот многу зависи и од начинот на кој учениците ја примаат информацијата дека мораат да ја напуштат училишната зграда. Анксиозноста како состојба и без дојавите за бомби е се почеста состојба кај учениците во денешно време, а ситуацијава со дојавите на бомби дополнително допринесува за појавата на анксиозно однесување кај нив. Други чувства кои се јавуваат се чувство на несигурност, незаштитеност како и чувство на отсутност, истакнува таа.
Според Велевска-Блажевска, оваа ситуација кај најмалите може да предизвика најмногу стрес бидејки само што започнале да го осознаваат образовниот процес наидуваат на пречки кои можат да допринесат сериозни последици за тоа како тие во иднина ке гледаат на образовниот систем и со колкава одговорност ќе гледаат на училишните обврски.
-Овде голема улога секако имаат и родителите односно семејството каде што расте детето, што ќе слушне од возрасните за овие дојави за бомби и како му е објаснета целата ситуација поврзана со евакуација на учениците, вели Велевска.