Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел на заедничката прес-конференција изјави дека со албанскиот премиер Еди Рама разговарале околу прашањето со златните пасоши додавајќи дека „оваа шема нема да продолжи“.
-Премиерот Рама ми даде гаранција дека нема да се продолжи со шемата за златни пасоши, рекол Борел, јавија медиумите.
Но, веднаш потоа Рама му возврати дека „за златни пасоши ја чекаме одлуката на Европскиот суд“.
-За златни пасоши ја чекаме одлуката на Европскиот суд. Издавањето го стопиравме. Има случај во Европскиот суд, кој доколку одлучи против златните пасоши тогаш тоа е завршена работа, а ако даде позитивен одговор секоја земја
прави свој избор, рекол Рама.
Додал дека неговата Влада не се откажува ниту од фискалната амнестија, што се две прашања кои редовно се критикувани од ЕУ. За фискалната амнестија Рама потенцирал дека „тој не го менува својот став“.
-Разговаравме и за фискална амнестија. Нашиот став е познат. Многу ја цениме посветеноста на комисијата и делегацијата да ни обезбедат експертиза. Сакаме да продолжиме да работиме со експерти. Не се откажуваме едноставно затоа што тоа во принцип не е добра работа. Имаме наши причини да мислиме дека ова е вистинската работа, рекол Рама.
Претходно, Европската комисија предупреди дека примената на златните пасоши може да го врати визниот режим за земјите што го применуваат, искажувајќи загриженост дека „таквите шеми би можеле да поттикнат нерегуларна миграција
во ЕУ, како и да ги поткопаат мерките за спречување перење пари и финансирањето на тероризмот“.