Бугарското министерство за надворешни работи „со загриженост ги следи случувањата во Македонија поврзани со правото на здружување на Бугарите во земјата и особено последните случувања околу името на здружението на граѓани „Иван Михаилов“ од Битола“. Вака стои во соопштението од бугарската дипломатија, објавија тамошните медиуми.
-Одлуките што се подготвуваат имаат значајна врска со демократските процеси во нашата соседна земја. Како што е познато, токму со цел објективно толкување на историските настани од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија, двете влади формираа Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, додаваат од бугарското МНР.
-Системските блокади на нејзината работа досега не дозволија општа оценка за улогата на историските личности од тој период. Затоа, се надеваме дека надлежните институции во Република Северна Македонија нема да користат еднострани и тенденциозни толкувања на историски настани и личности како основа за ограничување на основните права, вклучително и правото на здружување, се вели во ставот на бугарското МНР, пренесува „БТА“.