Специјалните советници за надворешна политика и безбедност на Франција, Германија и Италија, Емануел Боне, Јенс Плетнер и Франческо Тало објавија заедничка авторска статија во која велат дека нацрт-договорот за односите меѓу Косово и Србија, кој беше одобрен од сите ЕУ членовите, треба што поскоро да заживеe со креирање конзистентен патоказ за негово спроведување.
„Косово треба да го исполни ветувањето дека ќе ја заштити српската заедница, да преземе мерки за формирање Асоцијација/Заедница на општини со мнозинско српско население и да обезбеди гаранции за високо ниво на заштита на српското верско и културно наследство. Србија треба да се помири со фактот дека Косово е соседна земја која има своја европска перспектива и свое место во меѓународната заедница, нагласија Боне, Плетнер и Тало, јави дописникот на МИА од Белград.
-Нашите лидери, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанската премиерка Џорџина Мелони ни дадоа задача да им дадеме поддршка на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак во постигнувањето голем исчекор напред во нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, наведуваат специјалните советници во текстот објавен на веб-страницата на германската амбасада во Приштина.
-Зошто е тоа толку важно за нашите земји? И зошто сега се впуштаме во дијалог во кој двете страни се заглавени толку многу години? Причината е што иднината и на Србија и на Косово, како и на целиот регион на Западен Балкан е во ЕУ и сакаме да ве поддржиме што е можно посилно на вашиот пат кон членство во ЕУ, изјавиja Боне, Плетнер и Тало.
-Европа, се наоѓа на крстопат со бруталниот руски напад врз Украина, кој донесе војна од пошироки размери на нашиот континент. Дел од нашиот одговор на овој неприфатлив удар врз европскиот безбедносен поредок е да работиме уште понапорно за да го зајакнеме и да го вклучиме нашиот европски дом. За балканската шесторка, која тргна на патот на евроинтеграциите, мора да вложиме дополнителен напор за да ги отстраниме пречките од минатото, наведоа Боне, Плетнер и Тало во авторски текст за „Блиц“.
Како што додаваат, најочигледна пречка е нерешеното прашање за односите меѓу Србија и Косово, што претставува и безбедносен ризик за Европа.
Таа нестабилност во која постојано сме на работ на ескалација на насилството мора да престане. Мора да заврши, бидејќи граѓаните на Европа со право прашуваат како Србија и Косово некогаш ќе седнат на иста маса во Брисел како пријатели и партнери кога ќе се членки на ЕУ? Како можеме да ги убедиме нашите граѓани дека давање поддршка на Србија и Косово е добра идеја? Оваа ситуација мора да заврши бидејќи инвеститорите од нашите земји ги следат вестите и се прашуваат дали вреди да се инвестира во овој регион. Што да им кажеме ако веќе тлее пламенот на нов конфликт? Но, пред се, оваа ситуација мора да заврши бидејќи граѓаните на Косово и Србија заслужуваат подобра иднина. Иднина во која конечно ќе се надминат споровите кои ги парализираат двете земји, нагласуваат Боне, Плетнер и Тало.
Таа иднина, додаваат, го отвора патот за градење пријателски односи, регионална соработка и единствен пазар. „И таа иднина, на крајот, го отвора патот за реализација на ветувањето дадено на сите земји од Западен Балкан, а тоа е влез во ЕУ како рамноправни партнери, штом ќе ги исполнат критериумите. Можноста да се впуштиме во таа иднина е сега, велат специјалните советници.
-Затоа предложивме нов и одржлив нацрт-договор за односите меѓу Косово и Србија, кој беше одобрен од сите членки на ЕУ и кој е активно поддржан од нашите лидери и нашите американски партнери. Го поздравуваме силниот и охрабрувачки сигнал што претседателот Вучиќ и премиерот Курти го испратија од Брисел на 27 февруари кога го прифатија текстот на нацртот. Тој договор сега треба да заживее што е можно поскоро со изработка на конзистентен патоказ за негова имплементација. Целта на претстојните клучни преговори не е да го искомплицира веќе договореното, туку да се поттикнат конкретни чекори кон негово спроведување, наведуваат специјалните советници.
Тоа што, како што додаваат, и двете страни треба да го избегнуваат е да го реинтерпретираат дадениот збор, бидејќи со тоа би ја потрошиле оваа единствена можност и би ризикувале блокирање на патот кон членството во ЕУ.
-Косово треба да го исполни своето ветување за заштита на српската заедница, преземајќи мерки за формирање на Асоцијација/Заедница на општини со мнозинско српско население и обезбедување гаранции за високо ниво на заштита на српското верско и културно наследство. Србија треба да се помири со фактот дека Косово е соседна земја која има своја европска перспектива и свое место во меѓународната заедница.Времето не ни оди во прилог. И уште поважно, времето не им оди во прилог ниту на Косово, ниту на Србија. Мора да бидеме на ниво на задача и одговорност, свесни за императивите на дадениот момент. Неуспехот би имал последици, посочуваат специјалните советници.
Факт е дека за тоа е потребна мудрост и лидерски квалитети од двете страни, како и одговорен пристап на сите политички чинители во Србија и Косово, но тоа е изводливо.
-Вистинскиот момент е сега! Како пријатели на Косово и како пријатели на Србија, ветуваме дека ќе ве поддржиме на вашиот пат кон ЕУ, наведоа специјалните советници.