Пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, пред отпочнувањето на денешната 54 седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците (20 март 2023), поднесоа вкупно 2.400 амандмани на Предлог-законите за изменување на Законот за плати на судии и на Законот за плати на членовите на Судскиот совет на РМ, кои беа предложени од Владата, т.е. Министерсвото за правда – по скратена постапка.
Од партијата на Апасиев стојат на ставот дека сè додека не се воведат суштински реформи во правосудството, кое ќе ги опфатат проблемите кои се наталожени нема да дозволат зголемување на бенефициите кои се приврзоци на секој неправеден систем.
Според Дајанчо Ефтимов, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во услови кога инфлацијата во државата е на алармантно ниво, кога стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, новата Влада не отстапува од намерата да ги зголеми платите на судиите и обвинителите.
„Ја прашуваме Владата, дали ова зголемување на платите на судиите и јавните обвинители ќе значи подобро судство, подобро обвинителство, намалување на бирократските процедури и побрзо решавање на судските спорови на илјадници граѓани? Одговорот на овие прашања е јасен и за нас и за целата македонска јавност“, вели Ефтимов.