Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
По усвојувањето на новите критериуми за членство на онлајн медиумите во Регистарот на професионални медиуми promedia.mk на СЕММ, Бранко Героски во својство на координатор ги информира онлајн медиумите и ги моли во рок од пет дена да одговорат и да потврдат дека ги исполнувате овие критериуми и ќе се придржувате кон наведените основни принципи на работа.
Сите инстанци кои се јавуваат како автори на наведените критериуми се тешко компромитирани во процесите кои ги уништија моралниот и професионален интегритет на медиумите и на новинарите и од некогаш угледната сфера направија неверојатна машинерија која работи на неписмени и злобни штрафчиња од човеколики извршители. Машина за ширење на хаосот, глупантропството, очајот, лагата.
Опијати за широките народни маси.
Елесди во овер дози со кои од нацијата и општеството се направи одлепена маса на очајни поединци.
Тоа што Героски се потпишал како координатор е израз на тежок безобразлук.
Тоа е како Сашо, Даравелски и Орце да се потпишат како координатори под материјалот со критериуми за избор на судии и обвинители што друштвото на пресно ослободените осуденици го усвоило на состанок во хотелот “Мериот”.
Кикифрики е Брејвик кој на младинците од Утоја им пишува критериуми за излети во природата, Вајнштајн кој на жените им кажува кои услови треба да ги исполнат за да продолжат да снимаат филмови итн.
Компромитирана личност која низ своите ставови и заложби урна сѐ за што имаше макар и најблаги врски со етиката во новинарството.
Со многу сериозни и, јас би рекол, основани сомнежи во корупција.
Со реален антиевропеизам.
Со партиски драфт за промоција на лошото.
Јас ја поздравувам идејата да се направи некаков ред во онлајн медиумите, но редот во циркусот не можат да го направат кловновите.
Да ги дисциплинираат според критериумите на злото.
Би било добро ако меѓународните фактори кои учествуваат во финансирањето на ЗНМ, СЕММ и Промедија, за своите пари побараат суштински промени и во овие институции и преку нив во целата медиумска сфера.
Темелна реформа.